Вистински настан на ликвидација на струмички студенти во 1951 година ќе добие филмска верзија

создадено на . Објавено во Настани

 

Долгометражниот филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски е замислен како фикција за една прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Во филмската приказна нè водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото. Сѐ додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги кои наведуваат на досието од 1951 година при што е ликвидирана група студенти од Струмица.

„Филмот опфаќа мотиви кои се интересни од филмски аспект. Третираме една тема која ја екранизираме на фикционален начин. Не правиме ниту биографски филм, ниту историски спектакл, туку обработуваме една интимна драма која е вгнездена во стегите на некогашниот режим, конкретно во 1951 година, кога провејува мотивот за апсурдната ликвидација на пет струмички студенти. Една златна, прогресивна струмичка петорка на мистериозен начин е погубена и сето тоа како трага, како лузна на сведоците и на оние што се сеќаваат, беше инспирација за предлошката за сценариото на филмот. Во филмот нема да има документарна нитка во драматуршката структура, туку ќе се задржи фикциската линија, а на најверодостоен начин ќе се обидеме да ја пренесеме приказната за настанот од 1951 година“, објасни режисерот Горан Тренчовски.

Продуцентот Дејан Милошевски од филмската продукција „Револушн“ најави дека снимањето на филмот ќе трае 24 работни денови на пет локации. Во копродукција со Македонската телевизија планирано е да се направат пет телевизиски епизоди од филмот. Директорот на фотографија Апостол Трпески потсети дека станува збор за приказна во која се преплетуваат љубовта и предавството, суптилна тема сместена во милје на минатото и во милје на сегашноста. Филмот ќе биде снимен во дигитална 2К технологија.

Во филмот играат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Александар Ристевски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски, Дине Дрваров, Стојан Велков и други.

Актерката Љупка Џундева е среќна што и на нејзина возраст добива филмски улоги кои со задоволство ги прифаќа. Инаку, на случајот што е тема во филмот се сеќава од периодот на нејзината младост, бидејќи имало дискусија што останала како дилема дали студентите се стрелани во градот Струмица или додека се обидувале да ја преминат границата. Улогата во филмот е голем предизвик и за актерот Петар Арсовски, бидејќи игра лик што го преживеал стрелањето, но лузните од настанот ги носел во текот на целиот свој живот. Ликовите на младите струмички студенти ги играат пет млади македонски актери, а дел од нив првпат настапуваат во филм.

Во изработката на филмот се вклучени и голем број филмски работници. Асистенти на режија се Саша Станишиќ, Марија Макеска и Косара Митиќ. Главен партнер на филмската продукција е локалната самоуправа на Општина Струмица со повеќе ресурси и институции кои се во нивна надлежност. Снимањето на филмот ќе трае четири недели во Струмица и струмичкиот регион. Филмот се очекува да биде завршен за кино-прикажување следната 2016 година со премиера на некој од светските филмски фестивали.

Автор: Тони Димков

Објавено на МКД.мк, на 16.10.2015