Со филмска ревија на македонски класици се враќа брендот „Вардар филм

создадено на . Објавено во Настани

 Љубителите на седмата уметност ќе може да ги видат класиците: „Хај – Фај“ во режија на Владимир Блажевски (снимен 1987); „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова ’49“ во режија на Столе Попов (1986); „Планината на Гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) и „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991). Филмскиот центар „Вардар филм – Македонија“, покрај својата основна дејност, обезбедување техничка поддршка за филмските продукции, интензивно и посветено работи и на развојот и промовирањето на македонската филмска уметност.

„Установата поседува права за прикажување и дистрибуција на голем број филмови снимени во период од повеќе од четири децении и во таа смисла навистина е за поздравување фактот што директорот Попов склучи неколку договори за дистрибуција и прикажување на македонските филмови на телевизиските канали во земјите од регионот“, рече Канческа-Милевска.

Во контекст на работата на оваа институција, министерката потсети дека во Програмата на Министерството за култура се наоѓа и проектот за реконструкција и санација на објектот кој го користи „Вардар филм – Македонија“, со што значително ќе се подобрат условите за работа на установата.

„Сите тендерски постапки околу изборот на фирма за проектирање на целокупниот проект за реновирање и реконструкција на објектот се веќе завршени. Со заложбите на Владата на РМ и на Министерството за култура ќе се обноват 570 метри квадратни, кои ќе се адаптираат со современи простории кои се неопходни при продукција на филм, а во рамките на реконструкцијата ќе биде изведено и реновирањето на тонското студио за постпродукција на звук. Исто така, сакам да напоменам дека фундусот на установата ’Вардар филм‘ во изминатиот период е збогатен со повеќе вредни и значајни реквизити и костими од неколку завршени филмски проекти, како и повеќе од 300 парчиња костими кои претставуваат отсликување на одреден период од македонската кинематографија. Сите предмети кои имаат посебна историска вредност наскоро ќе бидат дел од музејската поставка во Кинотеката на Македонија, која ќе претставува приказ на еден значаен дел од богата филмска историја на нашата земја. Целокупната поставка ќе биде завршена следната година и ќе биде промовирана во рамките на чествувањето на јубилејот – 40 години постоење на Кинотеката на Македонија“, соопшти Канческа-Милевска.

 Прес-конференција во „Вардар филм“

Детали за активностите околу работата на „Вардар филм“ и за ревијата „Македонски филмски класици“ изнесе Димо Попов, директор на „Вардар филм – Македонија“.

„Националната установа Филмски центар ’Вардар филм – Македонија‘, како наследник на брендот ’Вардар филм‘ постои веќе две години. Познато е дека ’Вардар филм‘ како филмска продуцентска куќа постои речиси пет децении и во нејзина продукција се снимени речиси сите значајни македонски филмски дела, и анимирани и документарни и играни. Министерството за култура сметаше дека брендот треба да се зачува и да се одржи континуитетот на ’Вардар Филм‘. Со ревијата, во која ќе бидат прикажани само мал дел од филмските дела, сакаме да покажеме дека нивната идеја е исправна и дека ја поддржуваат не само филмските работници, туку и вљубениците во македонскиот филм“, рече Димо Попов.

Основната активност на „Вардар филм – Македонија“ нема да биде дистрибуција на старите македонски филмови, туку ќе биде техничката поддршка на филмските продукции во Македонија во вид на простор, опрема и реквизити што се наследени од „Вардар филм“.

„Причината за постоењето на НУ Филмски центар ’Вардар филм – Македонија‘ ја дефинирам како намалување на трошоците при филмска продукција во Македонија, со цел да се снимат поисплатливи филмски остварувања со обезбедување на поквалитетни технички услови“, објасни Попов.

Претставничката на кината „Синеплекс“, Кети Кочкова Јовашевиќ, ја нагласи потребата од филмска програма со македонски филмски класици и го изрази задоволството што соработуваат со „Вардар филм – Македонија“ во реализацијата на филмската ревија, што ќе се одржи од 8 до 12 октомври во „Синеплекс“.

Автор: Тони Димков

Фотографии: Александар Прошев

Објавено на МКД.мк, на 08.10.2015