Вардар Филм“ во блиска иднина го гледам како еден модерен филмски центар, каде што ќе се продуцираат и излегуваат многу филмски проекти, како порано во неговата богата историја. Оваа установа ја гледам како гуру на македонскиот филм и култура, вели Саиди

Најдоцна за еден месец филмските работници во Македонија ќе добијат киносала за проекции на своите филмови пред мала публика, пред соработници. „Вардар филм“, каде пред повеќе од две децении се создавале големите филмски дострели на нашата кинематографија, се очекува повторно да оживее и да се врати во полн сјај. Сани Саиди е првиот човек на „Вардар филм“ – институцијата со која државата долго време не знае што да направи. На раководната позиција е само месец и половина, но веќе има видливи резултати.

Сани Саиди, директор на „Вардар филм“

Кусо време сте на позицијата директор на „Вардар филм“. Што затекнавте и на што се фокусиравте?

– За жал, институцијата ја најдов во лоша состојба, во пасивност, речиси како да не постои. Откако ја утврдив фактичката состојба, излезе дека има многу неажурност и неред во работењето, заедно со многу неподмирени обрвски кон трети лица и неколку бесмислено потпишани договори. Со еден збор, неекономично и неодговорно менаџирање, но и работење на целата институција. Почнав да ја менувам оваа ситуација, да воспоставам ред и да ги подмирам сите доспеани обврски. По месец дена напорна работа заедно со тимот, можам слободно да кажам дека ги вративме работите во нормален тек и одглавивме многу затајувани работи. Истовремено, наидов на многу тажна слика – поголемиот дел од просториите во установата беа полни со непотребни нешта и ѓубре и се користеа единствено како магацин.

Уште во првата недела почнавме да ги чистиме и приспособуваме за да можат да бидат повторно во функција. Се работи на неколку простории: т.н. бункер кој ќе биде соодветна просторија каде што ќе биде складиран целиот фундус на костими и реквизити на установата. Така ќе се ослободи просторот на бифето, каде моментално е несоодветно складиран фундусот. Просторијата меѓу тонската и киносалата, т.н. „12“, е исчистена и ослободена од сите непотребни ствари, ја реновираме комплетно и планираме да служи како колор grading & editing студио. И фоајето е во фаза на реновирање, ќе биде освежено со нов мебел и опкружено со експонати од ризницата на установата. Во следните месеци ќе почне реновирањето на старото бифе кое ќе прерасне во модерен филмски клуб. Реновирана е и директорската канцеларија, со додатен личен труд и удел. Со нов лик, спремна е да ги пречека достојно сите гости и потенцијални соработници.

Проектот за реновирање на киносалата беше заглавен неколку месеци без прогрес, во почетната фаза. Веднаш ги преземав сите чекори за да се одглави овој проект и реновирањето на киносалата да се заврши во најкус можен рок. Ќе ја вратиме во функција, со ново руво и современа опрема. Со дел од тимот работевме и во викенди за надворешното уредување на установата, сза да се смени постоечката несоодветна слика за една установа од културата, со некроени дрвца, израсната трева, фрлено ѓубре и неисчистен двор. Сега тоа е веќе минато! На добар пат сме и за многу кратко време се направи многу, само со волја и труд, успеав да ја оживеам атмосферата, а воедно работам и целосно да заживее и институцијата. Сведоци за ова се вработените, но и сликите што го отсликуваат тоа во каква ситуација беше и каква е сега установата.

При крај е реновирањето на киното во „Вардар филм“, кое брои 49 столчиња. Кога би било во употреба и дали ја имате целата опрема потребна за да почне да работи?

– После интензивна работа целиот овој период, гордо може да најавам дека реновирањето на киносалата е во завршна фаза и за  кратко ќе биде пуштена во употреба со нов комплетно уреден ентериер и нова современа инсталирана опрема. Заедно со киносалата е реновирана и помошната проекциона сала. Со тоа, киносалата со целосен капацитет ќе биде во функција и достапна за сите филмски работници за реализирање на нивните проекти, како и за поширокиот аудиториум за вечерни проекции, штом тоа ќе биде безбедно и дозволено од надлежните органи.

Киното – некогаш и денес

Опремена е и тонска сала, која веќе се користи. Кој помогна во реализацијата на тој проект?

– Тонската салата беше единствена просторија што ја затекнав реновирана и во функција, исто после многу години, благодарение на младиот перспективен и успешен режисер и дизајнер на звук, Сашко Поттер Мицевски, кој ја преземал и во соработка со установата ја реализирал иницијативата. Повеќето од опремата е приватна инвестиција и му припаѓа нему. Но, планираме да набавиме сопствена опрема и за тонската сала. Нашат примарна цел е надградување и целосно опремување на сите простории. Ќе аплицираме за поддршка и од ресорното министерство во инвестиционата програма. Во меѓувреме, заедно со Сашко, имаме многу идеи и проекти што планираме да ги реализираме.

Тонското студио

Кои се Вашите идни планови во однос на „Вардар филм“? Дали може оваа институција повторно да функционира како продуцентска куќа, како некогаш?

– Од првиот ден се залагам да се врати реномето и достоинството на установата, трансформирајќи ја во еден модерен филмски центар, со сета нејзина автентичност и богата историја. Ќе направам сè што е во моја моќ, заедно со тимот на установата, членовите на управните одбори и со поддршка на ресорното министерство, „Вардар Филм“ да биде повторно местото каде што филмските работници и продукции ќе може да ги реализираат своите филмски проекти од почеток до крај, во модерни услови и опремени простории, исклучиво со најповолни цени. Првенствено ни е потребна добра инфраструктура во установата, да имаме и color grading & editing студио, во пакет со киносалата и тонската сала. Потоа ќе се фокусираме на изнаоѓање средства и поддршка за нивно соодветно надградување и целосно опремување.

Планираме да набавиме и нова професионална камера и друга опрема, која ќе биде дел од проширениот асортиман на услуги. Сакам старото бифе, кое сега се користи како магацин, повторно да биде ставено во функциј. Да прерасне во филмски клуб, кафе-ресторан, базирајќи се на најдобрите практики во странство. Со тоа, обезбедувајќи место каде што ќе можат да се состанат сите филмски работници и љубители на филмот, во пријатен и удобен амбиент опкружен со филмски реквизити, каде што сум сигурен дека ќе никнат многу нови и креативни филмски проекти. Со тоа ќе ја збогатиме македонската филмска култура и угледот на установата.

Монтажерот на звук Сашко Поттер Мицевски помогна во опремувањето на тонското студио

Со сите наведени планови за приспособување и пренамена на просториите, битно е да се спомене дека со тоа ќе осигураме повеќе редовни приходи и поголем сопствен буџет. Тоа ќе ни овозможи полесно функционирање од сите аспекти, за разлика од сегашниот многу скромен буџет, кој нè ограничува во нашата работа. Дефинитивно, „Вардар Филм“ во блиска иднина го гледам исклучително како еден модерен филмски центар, каде што ќе се продуцираат и излегуваат многу филмски проекти, како порано во неговата богата историја. Оваа установа ја гледам како гуру на македонскиот филм и култура. Како таква, со многу труд и внимание работам од првиот ден за да ја вратам како во добрите стари времиња!