Историјат на Вардар филм-Скопје
Вардар Филм е првата филмска продукциска куќа во Македонија, формирана во 1947 година и беше двигателот на македонската кинематографија и нејзин вистински репрезент во светскиот филм, достигнувајќи ги најголемите светски фестивалски признанија што го направи познат светски бренд во периодот на неговото основање и делување. Не помала беше неговата функција и во едукацијата и оформувањето на сопствен професионален кадар креирајќи свој врвен тим професионалци на полето на играната, документарната и анимираната продукција. Во период од скоро пет децении – во ерата на целулоидната филмска лента, под ова лого беа снимени над 40 играни филмови, околу 360 документарни филмови, 28 кратки играни филмови и 43 анимирани филмови, неповторливи остварувања, а сега веќе филмски класици.
Вардар филм беше респектиран регионален филмски центар, техничко кадровска база давајќи белег на филмската продукција во пошироки размери. Како резултат на ова стратегија, Вардар филм реализираше три важни придобивки:
- Светски познати награди: Златен лав – Венеција, номинација за Оскар, Сребрена мечка-Берлин, Златна арена во Пула и многу други.
- Едуциран и високопреофесионален сопствен кадар, кој доби бројни награди за својата професионална работа.
- Сопствена софистицирана техничка база, која освен тоа што ја реализира сопствената продукција, оствари и големи профити при филмските копродукции и во давањето технички услуги на надворешни екипи.
Старата технологија која не се ограничуваше само на “1” и “0”, неизбежно влијаеше и на креативниот израз – филмските автори и работници во минатото имале поинаков пристап кон филмскиот кадар, а тоа се приметува во искреноста и неповторливоста на сцените.
Денес Вардар Филм претставува место каде што филмските продукции можат да добијат техничка поддршка при изработката на своите проекти, продукциски простории, костими, реквизити или филмски возила.
Во установата постои реновирана киносала наменето за контролни проекции, семинари, прес конференции и тн., тонска сала за sound design и sound effects, студио за колор грејдинг&editing итн.
Вардар филм-скопје полека но сигурно прераснува во еден модерен филмски и едукативен центар кој ќе биде главна поддршка на филмските работници и продуцентските куќи во Република Северна Македонија но и пошироко.