Националната установа Филмски центар „Вардар филм – Македонија“ – Скопје склучи договор за соработка со Македонски Телеком АД – Скопје за прикажување на македонски филмски класици во Видеотеката на МаксТВ, по барање од страна на корисниците на МаксТВ-услугата на МКТ на територијата на Република Македонија. Аудиовизуелните дела продуцирани од страна на Филмскиот центар „Вардар филм“ се достапни за корисниците на МаксТВ услугата на Македонски Телеком АД – Скопје од 20.11.2015 година.

Со првиот пакет филмови во Видеотеката на МаксТВ поставени се 15 македонски филмови, и тоа: „Хај – Фај“ во режија на Владимир Блажевски (продукција во 1987); „Три Ани“ на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова ’49“ на Столе Попов (1986); „Планината на гневот“ на Љубиша Георгиевски (1968); „Тетовирање“ на Столе Попов (1991); „Австралија, Австралија“ на Столе Попов (1976); „Дае“ на Столе Попов (1979); „До победата и по неа“ на Жика Митровиќ (1966); „Мис Стон“ на Жика Митровиќ (1958); „Под исто небо“ на Миомир Стаменковиќ и Љубиша Георгиевски (1964); „Солунските атентатори“ на Жика Митровиќ (1961); „Републиката во пламен“ на Љубиша Георгиевски (1969); „Црно семе“ на Кирил Ценевски (1971); „Црвениот коњ“ на Столе Попов (1981); и „Цената на градот“ на Љубиша Георгиевски (1970).

 

   

ХАЈ – ФАЈ

Година: 1987

Траење: 102 минути

Режија: Владимир Блажевски

Сценарио: Горан Стефановски

Музика: Љупчо Константинов

Улоги: Фабијан Шоваговиќ, Данчо Чеврески, Елизабета Џоревска, Мето Јовановски, Вукосава Донева и други

Филмот „ХАЈ – ФАЈ“ создаден е според мотивите на истоимената театарска пиеса на Горан Стефановски. Борис Бојановски, после пет години поминати во затвор, не успева да се снајде во ситуација која што ја наоѓа во сопствениот дом. Судирот со син му започнува околу некои тривијалности, но многу бргу се продлабочува во суштински генерацијски конфликт. Филмот го следи развојот на односите помеѓу таткото и синот, врз кои се рефлектираат и некои пошироки општествени проблеми на современиот македонски и југословенски живот.

Награди:

-1987, Пула, Златна арена за режија за Владимир Блажевски 1987 ФЈИФ, Пула, Златна арена за монтажа за Петар Марковиќ 1987 ФЈИФ, Пула

– награда „Кодак“ за фотографија за Мишо Самоиловски 1987 ФФ, Ниш

– Голема повелба за главна машка улога за актерот Фабијан Шоваговиќ

– Годишна награда на ревијата „Екран“ за актерско остварување на Данчо Чеврески

   

ТРИ АНИ

Година: 1959

Tраење: 93 минути

Режија: Бранко Бауер

Сценарио: Слободан Глумац

Музика: Бојан Адамиќ

Улоги: Гал Дубравка, Стефановиќ Душан, Кон Марија, Мишковиќ Светлана и други

Пензионираниот железничар Марко Петровиќ ги живее монотоно своите пензионерски денови сѐ до оној момент кога ја открива можноста дека неговата ќерка ја преживеала војната. Започнува да трага по неа преку Црвениот крст и печатот. На неговата адреса пристигнуваат податоците за три млади жени кои секоја од нив подеднакво ја има можноста да биде неговата ќерка Ана. Најпосле, стариот Марко сепак доаѓа до сознанието дека вистинската Ана загинала во војната.

Награди: 1960 ФЈИФ, Пула, Бронзена арена од жирито за филм 1960 ФЈИФ, Пула, Награда за епизодна улога на Светлана Мишковиќ

   

СРЕЌНА НОВА’49

Година: 1986

Траење: 125 минути

Режија: Столе Попов

Сценарио: Гордан Михиќ

Музика: Љупчо Константинов

Улоги:  Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Владислава Милосављевиќ и други

Приказна за двајца браќа со различна идеологија и верувања. Драмата се случува во атмосфера на тензија и страв, за време на конфликтот помеѓу Комунистичката партија на Југославија и Сталинизмот.

Награди:

-Гран при, Голема златна арена за најдобар филм 1986 ФЈИФ, Пула

– Златна арена за најдобро сценарио на Гордан Михиќ 1986 ФЈИФ, Пула

– Награда „Милтон Манаки“ од југословенската филмска критика за Столе Попов 1986 ФЈИФ, Пула

– „Златен гладијатор“, награда на југословенската филмска академија за Столе Попов 1986 ФФ, Ниш

– Голем златен дукат за најдобро сценарио за Гордан Михиќ 1986 ФФ, Врњачка бања

– Југословенски кандидат за Оскар 1986

–  13 Ноемвриска награда за Столе Попов 1991 МФФ

и други…

   

ПЛАНИНАТА НА ГНЕВОТ

Година: 1968

Траење: 81 минути

Режија: Љубиша Георгиевски

Сценарио: Анте Поповски

Музика: Тома Прошев

Улоги: Ристо Шишков, Бранислав Јериниќ, Дарко Дамевски, Драгомир Фелба, Нада Гешовска, Петре Прличко и други

По Втората светска, социјалистичката и револуционерна, војна и ослободувањето на земјата, настапува време на обнова. Тоа е и време кога се инсистира на колективизација на селските имоти. И во западна Македонија се настојува да се спроведат новите идеи за развој на земјоделското стопанство и на сточарството. Претседател на селската задруга е Стамат, поранешен борец, кој со сиот свој жар и револуционерен елан работи и верува дека колективизацијата е единствен излез за сиромашниот селанец. На својот пат за подобра иднина тој се судира со отпорот на поимотните селани, кои тешко се разделуваат од имотот. Во овие околности Стамат се соочува со вистината дека селаните не му веруваат, но и покрај тоа застанува на вистинската страна.

Награди: Специјални награди за актерите Дарко Дамевски, Ристо Шишков и Марија Исаја 1968 ФФ, Ниш

   

ТЕТОВИРАЊЕ

Година: 1991

Траење: 128 минути

Режија: Столе Попов

Сценарио: Мирко Ковач

Музика: Љупчо Константинов

Улоги: Мето Јовановски, Столе Аранѓеловиќ, Љиљана Меѓеши, Јовица Михајловски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински, Данчо Чевревски и други

Дејството на филмот е сместено во летото 1989 година и го следи животот на работникот Илија, кој по низа апсурдни настани, иако потполно невин, завршува во затвор, обвинет за убиство, а подоцна и убиен од еден специјалец. Илија, кој и инаку, според својот нескротлив темперамент како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот – комунистичкиот режим во распад – по една караница со сопругата го напушта домот со единственото што го поседува, празниот куфер.

Награди:

– Гран При 1991 ФФ, Херцег Нови

– Прва награда „Златна мимоза“ за режија на Столе Попов 1991 ФФ, Ниш

– Втора награда за сценарио на Мирко Ковач 1991 ФФ „Милтон Манаки“ Битола

и други…

   

АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА

Година: 1976

Траење: 80 мин.

Режија: Столе Попов

Камера: Бранко Михајловски

Сценарио: Божин Павловски

Музика: Ристо Аврамовски

Документарен филм за Македонците во Австралија. Филмот го одразува животот на македонските иселеници и печалбари во Австралија. Со нивното заминување во далечната земја некои од нив успешно се социјализират, а некои, пак, постојано остануват со дилемата за своето враќање.

Награди:

-1976 ФЈДКФ, Белград, Гранд При „Голем златен медал“ за Столе Попов

-1976 ФФ, Тузла, Награда од публиката

-1976 Годишна награда од списанието „Млад Борец“

-1976 Југословенски кандидат за Оскар

-1976 13-ноемвриска награда за тонска обработка на Глигор Паковски

   

ДАЕ

Година: 1979

Траење: 16 мин.

Режија: Столе Попов

Сценарио: Анте Поповски

Камера: Мишо Самоиловски

Избор на музика: Столе Попов

Документарен филм кој го опишува животот на Ромите – номади и празнувањето на најголемиот ромски празник Ѓурѓовден и нивните други ритуали.

   

ДО ПОБЕДАТА И ПО НЕА

Година: 1966

Траење: 106 мин.

Режија: Жика Митровиќ

Сценарио: Дракул Симон

Камера: Љубе Петковски

Музика: Прохаска Миленко

Последниот ден од окупацијата жителите на едно мало македонско гратче се сведоци на уште еден крвав чин на окупаторот – стрелање на 12 родолуби, предадени од соработник на окупаторот. И во овој случај, како и повеќепати пред тоа, Предавникот останува непознат за неговите сограѓани…

   

МИС СТОН

Година: 1958

Траење: 90 мин.

Режија: Жика Митровиќ

Сценарио: Ѓорѓи Абаџиев

Камера: Миша Стојановиќ

Музика: Иван Рупник

Дејствието на филмот е сместено во 1901 година и тоа е засновано врз вистински настан – грабнувањето на американската протестантска мисионерка Мис Стон од страна на Јане Сандански и неговата чета. За откуп на Мис Стон се побарани 25.000 златни лири, кои на четата на Јане Сандански ѝ се неопходни за набавка на оружје. Меѓутоа, ова барање треба да се потпише и од Мис Стон. Таа категорично одбива да го направи тоа, но откако минува низ неколку борби водени со турскиот аскер, застанува на страната на комитите и го потпишува писмото, чии барања на крајот и се исполнети.

   

ПОД ИСТО НЕБО

Година: 1964

Режија: Миомир Стаменкович, Љубиша Георгиевски

Сценарио: Јован Бошковски

Камера: Бранко Михајловски

Музика: Томислав Зографски

По капитулацијата на Италија во западниот дел на Македонија, кој беше под италијанска окупација, власта ја преземаат балистите. Подготвувајќи се да го нападнат градот, партизаните испраќаат тројца борци кои со помали акции би го свртеле вниманието на балистите од вистинската акција. При случајната средба на тројцата партизани со балистите во градот, гине братот на Мифтар. Мифтар, кој е водач на балистите, ги бара партизаните. Ги претресува куќите и уценувајќи го стариот Реџеп, открива дека тие се наоѓаат во куќата на неговиот сосед Крсте. Скривницата во која се наоѓаат двајцата партизани балистите не успеваат да ја откријат. Крсте е готов да го жртвува и својот живот, но Мифтар сака да се одмазди, и го убива неговиот внук. Во тој момент доаѓа до жестока пресметка во која учествува и третиот партизан, кој се беше засолнил во блиската џамија, а започнува и нападот на градот во кој влегуваат ослободителите.

   

СОЛУНСКИ АТЕНТАТОРИ

Година: 1961

Траење: 106 мин.

Режија: Жика Митровиќ

Сценарио: Јован Бошковски

Камера: Љубе Петковски

Музика: Душан Радич

Во почетокот на 20. век Македонија и натаму се наоѓа во ропска положба под власта на Отоманската Империја. Како одговор на теророт на кој е изложен македонскиот народ, се пројавуваат низа различни начини на реакција, како што се организираните чети комити, подготовката за востание, а меѓу другото и акциите на гемиџиите во Солун. Сакајќи да го привлечат вниманието на светската јавност врз Македонија, гемиџиите, група македонски анархо-социјалисти, синови на богати трговци кои се под влијание на руската нихилистичка литература и идеите на женевските анархисти, во април 1903 година решаваат да извршат низа напади на објекти во Солун, во кои е инвестиран странски капитал. Целта на овие напади се францускиот брод „Гвадалкивир“, Отоманската банка, Електричната централа, Поштата.

   

РЕПУБЛИКАТА ВО ПЛАМЕН

Година: 1969

Траење: 105 мин.

Режија: Љубиша Георгиевски

Сценарио: Јован Бошковски, Љубиша Георгиевски

Камера: Бранко Михајловски

Музика: Тома Прошев

На 2 август 1903 година, на светиот ден Илинден, во Македонија се крена востание. Тоа беше одговор на повеќевековното ропство и теророт на кој беше изложен македонскиот народ. Илинденското востание кулминираше со создавањето на Крушевската република, која опстојуваше десет дена и беше единствена република на Балканот во тоа време. За да се објаснат целта и намерите на востанието, Никола Карев, претседател на Крушевската република го пишува Манифестот на Крушевската република, кој според прогресивноста на идеите изнесени во него е далеку пред времето на настанувањето. Веднаш по започнувањето на востанието кое претендираше да се прошири низ поголемиот дел од Македонија, стана јасно дека тоа е кренато без целосни подготовки.

   

ЦРНО СЕМЕ

Година: 1971

Траење: 89 мин.

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Ташко Георгиевски

Камера: Љубе Петковски

За време на Граѓанската војна во Грција, 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад. Централни личности се Андон Совичанов, Парис и Христос, кои, секој за себе, претставуваат индивидуална комплексност на самосвоен лик, што е видливо преку страдањата низ кои минуваат и кои ги означуваат разните димензии на човековиот отпор…

   

ЦРВЕНИОТ КОЊ

Година: 1981

Траење: 127  мин.

Режија: Столе Попов

Сценарио: Ташко Георгиевски

Директор на фотографија: Бранко Михајловски

Неколку години по заедничката братска борба против монархо-фашистичкиот режим, крвареа и грчкиот и македонскиот народ. По поразот на Демократската армија на Грција 1949 година, чии операции се одвиваа претежно во северниот дел на земјата (Егејска Македонија), голем дел од припадниците на ДАГ и на невиното население ја доживеаја судбината на политичко прогонство… Слика на граничниот појас на Албанија кон Грција 1949 година: се разоружуваат борците на ДАГ. Без објаснување им се одзема оружјето. Некои од македонските борци се обидуваат да дадат отпор, но поради довербата во довчерашните соборци отпорот не е масовен. Еден од оние кои се спротиставуваат веднаш е убиен. Обезоружените борци ги пренесуваат со брод. Се слушаат најразлични претпоставки за местото на транспортот. Преовладува мислењето дека одат на ново боиште каде што повторно ќе го добијат оружјето. Оваа мисла ја поткрепува војничкиот третман и физичките вежби на кои инсистира грчкиот офицер Ставропулос…

   

ЦЕНАТА НА ГРАДОТ

Година: 1970

Траење: 85 мин.

Режија: Љубиша Георгиевски

Сценарио: Симон Дракул

Директор на фотографија: Бранко Михајловски

Едно гратче во Македонија е под германска окупација. Крајот на војната наближува. Во овие последни денови на окупацијата, жителите ослободуваат руски и италијански војници. Германскиот командант бара од граѓаните да ги предадат ослободените заробеници, уценувајќи ги со минирање на градот. Но, љубовта што командантот ја чувствува за гимназијалката Елена го попречува во извршувањето на злосторството. Како откуп за градот ја бара девојката. Таткото на Елена, свештеник, се жртвува себе си и ќерка си, и ги венчава. Партизаните влегуваат во градот и во германскиот штаб ги убиваат тукушто венчаните, во моментот кога на лицето на Елена за првпат се забележува симпатија кон германскиот командант.